Loading Video...
Македонија
8. January 2021 - 17:32

Силва: Евроинтеграцијата на Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство

Португалија нема да крене раце од ЕУ проширувањето. Иако првично, новиот претседавач со Унијата не покажа заинтересираност за темата, сепак, отворањето на преговори ќе се најде на агендата на официјален Лисабон и тоа како приоритетна точка.

Како што најави шефот на португалската дипломатија, во првата половина од годинава Португалија ќе ги направи сите напори да ги организира првите меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија.

На онлајн брифинг со новинарите, Сантош Силва истакнал дека Македонија спровела голем број на важни реформи, а не смее да се заборави и дека промената на името на земјава.

„Тие ја завршија својата работа. Сега е време ние да го завршиме нашето. Сега имаме нова ситуација – прашањата поставени од Бугарија. Мојата цел е да разговарам интензивно со владите и на Северна Македонија и на Бугарија. Бидејќи е многу важно внимателно да ги слушнете аргументите на другата страна. Кога тоа ќе се направи, лесно може да се разбере дека постои заедничка основа врз која може да се работи“, напоменува шефот на португалската дипломатија. чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари.

Во време кога македонското МНР е на став дека за идентитетските теми не се преговара, а од Софија и понатаму продолжуваат тврдењата дека македонската нација не постоела до 1944-та, на темата се огласи и вицепремиерот Димитров.

Во интервју за МИА, истакнува дека спорот нема правна основа, но и дека не очекува брзо решение поради претстојните избори кај нашиот сосед.

“Не гледам поинакво решение на овие проблеми, освен во рамките на меѓународното право, меѓународните договори, почитување… Договорот за пријателство што го потпишавме со Бугарија во Преамбулата меѓудругото вели дека двете земји ќе градат блиски и пријателски односи врз основа на заемно почитување. Тоа взаемно почитување апсолутно вклучува и почитување на нашето суверено право да бидеме тие кои сме, Македонци кои зборуваат македонски јазик”

Со сила убавина не бидува, заклучува Димитров, алудирајќи дека евентуалното решение со Бугарија во никој случај не смее да биде на штета на нашето право на самоопределување и изнудено под некаква уцена.