Македонија
4. February 2023 - 17:04

Силно полициско обезбедување и ограничено движење во Скопје, бугарскиот министер не е задоволен од работата на колегите

Под силно полициско обезбедување и посебен протокол, Македонија ја чествува 151-та годишнина од раѓањето на македонскиот рееволуционер Гоце Делчев.

Македонскиот државно-политички врв положи цвеќе пред вечното почивалиште на македонскиот великан, но одлучија на денот на раѓањето на Гоце да не испратат ниту една порака.Ниту претседателот Пендаровски, ниту премиерот Ковачевски кои повикуваа на достоинствено чествување не сакаа да одговорат на новинарските прашања.

Високиот степен на безбедност поради најавените провокации на бугарски функционери целосно го затвори пристапот до црквата Св.Спас.

Сепак бугарскиот министер за внатрешни работи Дерменџиев кој ја предводеше делегацијата вели дека не дошле во Скопје за да провоцираат, туку да му оддадат почит на Делчев. Лично побарал европратеникот Џамбаски, екс вицепремиерот Каракачанов и лидерот на Преродба Костадинов да не доаѓаат во Скопје за да нема ескалација на состојбата.

Опозицискиот лидер Мицковски кој ја предводеше делегацијата на ВМРО ДПМНЕ е разочаран  од како што вели чествувањето под опсада. Вели дека Делчев за првпат го славиме како заробеници во сопствената држава. Мицкоски со порака и до бугарските политичари – за ситни политички поен го враќаат односнот меѓу двете држави во средниот век.

Дека проверките на полицијата биле непотребни во ваков ден реагираа и од Левица.

По завршувањето на официјалната програма и присуството на политичарите полицијата дозволи и граѓаните во групи од по неколку луѓе да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев.

А новинарските екипи утрово не можеа да влезат во црквата. Владината служба не дозволи ниту слободно движење за новинарите околу палтото пред црквата Св.Спас иако уредно беа акредитирани.

Новинарските здруженија и синдикати го осудија ваквиот третман кон новинарските екипи и побараа владата да ги суспендира вработените кои имаа ваков однос кон медиумските работници. Реагираа и од ВМРО ДПМНЕ кои велат дека ваквиот однос е недозволив.