Македонија
24. April 2024 - 22:53

Силјановска: Горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене туку и на останатите

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот резултат е неверојатно инспиративен за нејзе и дека нема зборови со кои може да ја искаже благодарноста.

„Горда сум на мнозина, најпрво на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, заради поддршката, горда сум на мојот тим, ме подреа, ме критикуваа, горда сум на учесниците во изборната трка. Мислам дека сите знаеме дека изборниот процес е најстравствениот политички процес, но сепак во дебатата, во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, зошто каде и да бев јас, таму беа и тие, со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност мислам дека е време за идентификација на жена со жена. Жените беа мојата инспирација, мислам дека сум и јас нив. Нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата, ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, креација и вредно е ова општество да го искористи сето тоа“, рече кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.

„Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене. Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, на пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна. Само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот. Јас ќе се однесувам со должна почит кон оној со кој што се натпреварувам, треба да ги инспирираме граѓаните да ги увериме дека вреди да се учествува на изборите. Без граѓани нема Македонија. Јас не ги делам граѓаните, јас знам дека претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила. Знаењето е вистинската моќ.

Постојано повикував на владеење на правото, но уште повеќе на единство во оваа држава. Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Ве уверувам дека ќе се обидам дека секој ден и секому да покажам и докажам дека сум таму заради Македонија. Сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа. Македонија не може да биде само моја, туку на сите вас“, изјави Силјановска Давкова на прес-конференцијата вечерва.