Силјановска Давкова: Наместо поддршка добивме уцени и услови за членството во ЕУ
Закани и уцени на европскиот пат кон Брисел, Македонија многу пати била уценувана и била принудена да прави отстапки за да почне преговори со ЕУ. Поддршката која би требало да ја добиеме од соседите била заменета со ревидирање на македонската историја што е спротивно од основните принципи на ЕУ, но и на нашиот Устав, истакна македонската претседателка Силјановска Давкова на панелот во рамки на Парискиот мировен форум.
- Многу пати сме се соочиле со кршење на принципите од страна на некои членки на ЕУ. Зошто? Затоа што ни се закануваат со вето „ако не го промените Уставот“ или „ако не го направите ова или она, нема да станете членка на ЕУ“. Мојот предлог или препорака е секогаш: Да се обидеме да бидеме малку како Скандинавците бидејќи Шведска, Норвешка и Финска дадоа толку силна поддршка за балтичките држави, па затоа сум навистина изненадена. Очекувам разбирање од соседите и поддршка од членките, но тоа не се случува.
Според Силјановска Давкова, Европската Унија треба да ги потсети членките на Копенхагенските критериуми бидејќи тие се потребни. Владеење на правото, независно судство, либерална демократија.
Почетокот на Парискиот мировен форум го означи и средбата на македонската претседателка со нејзиниот француски колега Емануел Макрон. Под фотографиите што ги објави, каде Макрон и ја бакнува раката на претседателката, но и фотографии со првата дама на Франција, таа напиша дека во пријатна атмосфера се воделе разговори насочени кон зајакнување на глобалниот мир на вечерата во чест на високите гости на Парискиот мировен форум.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
