Македонија
13. October 2016 - 14:48

„Силјан Штркот шанца“ - премиера на Македонскиот народен театар

Претставата „Силјан Штркот шанца“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Срѓан Јаниќијевиќ на 20 октомври премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Македонскиот народен театар. Со оваа претстава МНТ воведува лектирен театар со мото „Театар за секое дете“. Но, иако е работена по мотиви од лектира за осмо одделение („Силјан Штркот“ на Марко Цепенков), најавена е како претстава и за  возрасни, не само за деца и младинци.  

Режисерот Јаниќијевиќ на прес-конференција рече дека текстот на Дуковски постојано го имал во глава, уште од праизведбата во 1991 година од српскиот режисер Драгољуб Тодоровиќ кому тој тогаш му бил асистент. 

- Затоа што ми е многу важен и, би рекол, донекаде е автобиографски. Затоа што „Силјан Штркот“ е македонска верзија на „Петар Пан“. Има многу конотации коишто мене многу ми значат, рече Јаниќијевиќ, задоволен од процесот на подготовката и од соработката со актерите поради што, како што рече, направил претстава на синергија.  

Режисерот го појасни и зборот шанца, кој авторот Дуковски во својот текст го додал на оригиналниот наслов на познатата македонска приказна: - Шанца на штрковски значи танцува. Силјан Штркот танцува - тоа е преводот, додаде Јаниќијевиќ. 

Насловниот лик го толкува Александар Михајловски кој првпат игра главна, како што рече, голема улога. - Светот на Силјан е магичен, волшебен, прекрасен, но и многу суров. Мислам дека е многу сличен на светот во кој живееме денес - прекрасен свет кој знае да биде и многу суров, рече Михајловски. 

Сценографијата и костимографијата се на Илина Ангеловска која за изведбата рече дека е помеѓу претстава за деца и кабаре, со минимална модерна естетика и со реквизити преку кои е зачуван македонскиот фолклор. Кореограф е Александра Кочовска-Начева, а во функција на приказната е и музиката во живо за која е задолжен наменскиот бенд за оваа претстава - инструменталниот тим „Погани штркови“ и вокалниот - „Кокошките од пеколот“. 

Уметничкиот директор на МНТ Тони Михајловски рече дека намерите во иднина им се да црпат од лектирите кои се обработуваат во основните и во средните училишта бидејќи децата, како што рече, се неисцрпен извор за публика.

- Ова не значи дека му се мешаме во работата на Театарот за деца и младинци, туку се она што не може да се покрие со еден театар, МНТ се обидува да го направи со ова. Препорачливо е сите театри во својот град да се обидат да го направат затоа што децата се онаа публика што треба да се искали за да се научи на театар, уметност, размислување, на поинаков свет. Доволно ќе биде барем 30 отсто од децата што ќе бидат опфатени со тој проект да останат верни на театарот и уметноста, тоа е добра публика за во иднина, истакна Михајловски и ја најави следната претстава на лектирниот театар -  „Аладин“ во режија на Бојан Трифуновски.