Силен ветер направи штети во Битола
Силен ветер во текот на ноќта беснееше во Битола. Оштетени се покриви и фасади на куќи, рекламни паноа, скинати кабли, откорнати и искршени дрвја во паркот, но и низ градот, во дворовите на граѓаните. Ветрот ја турна и мрежната ограда во училиштето „Стив Наумов“. Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, синоќа во 02:33 часот според податоците на анемографот на метеоролошката станица во Битола ветрот достигнал брзина од 15,7 метри во секунда или 56,52 километри на час.
Заради силниот ветер, дел од градот цела ноќ остана и без струја. Од ЕВН информираат дека на терен имало откорната вегетација, паднати столбови и искинати кабли и дека се работи за повеќебројни штети во нисконапонската мрежа како последица од невремето. Доколку дозволуваат временските услови, се очекува во текот на денот во целост да се санираат сите дефекти. Од ЈП Комуналец велат дека нивни екипи од утрово интервенираат на повеќе локации во градот, а паднати се голем број дрвја.
-Имаше доста оштетени дрвја и гранки и цели дрвја, над 20 на различни локации, од кои десетина во градскиот парк, но се средуваат работите. Во делот на уличното осветлување, имаше проблеми, но се санира и тоа, вели Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец Битола.
Паднатите дрвја претежно биле борови.
-Боровите имаат широк и плиток корен, иако се здрави тие дрвја, ветрот беше премногу силен, и затоа што имаат лисна маса, затоа се направи штетата. Но овие што се без лисја, среќа што немаат лисја пуштено, инаку ќе беше поголема штетата, вели Богоевски.
Остануваат на терен, до целосно расчистување на улиците, а Богоевски апелира до граѓаните да ги пријавуваат сите штети до Комуналец.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
