Бизнис
29. September 2017 - 12:13

Швајцарски експерти ќе го помагаат развојот на пет домашни фирми

Пет домашни компании, од прехранбената, текстилната, металната индустрија, ќе ја унапредуваат работата со бесплатни совети од петмина експерти од Швајцарија, како дел од третиот повик за владиниот проект „Ангажман на сениор експерти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.

- Проектот за поддршка на домашните компании со експертска помош од странство се покажа како ефикасен и затоа беше објавен третиот повик на кој се доставени 35 апликации, информира денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по потпишувањето на изјавата за согласност за соработка во проектот со  амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Пехада.

Во изминатите две години, посочи Анѓушев, експертска помош  добиле 96 компании, а анкетите покажуваат дека 90 проценти се задоволни од овој проект, а 70 проценти повторно би аплицирале.

Швајцарската амбасада покрива над 90 проценти од трошоците за ангажманот на експертите, а во проектот се вклучени и експерти од Австрија, Холандија и Германија.

Како што наваде амбасадорката Сутер Техада, Швајцарија трета година дава поддршка на македонски фирми за да ги подобрат нивните  производи  и услуги и да станат поконкурентни и поефикасни. Експертите кои досега  ги обезбедиле им помогнале на компаниите да развијат околу 20 нови  проозводи и да ги обучат нивните вработени  за да се подобри  нивото на услугите кои ги нудат. Потврда за задоволството на фирмите од користењето на помошта, според неа, е фактот што компанија од прехранбената индустрија именувала производ според експертот што го ангажирале.

- Сигурна сум дека со тоа што ќе донесеме швајцарски експерти во Македонија и со  споделување на нивното огромно знаење и искуство фирмите ќе бидат поконкурентни и подобро подготвени за претстојните предизвици, рече швајцарската амбасадорка.

Фирмите опфатени со претходните два повика користеле експертска помош претежно за технолошко подобрување на процесот на производството, организација на работата, обезбедување нови вработувања,  како и за маркетинг и воспоставување соработка со странските бизнисмени.