Loading Video...
Македонија
4. December 2025 - 21:17

Што ќе значи политичката ситуација во Бугарија во дијалогот со Македонија?

Се појасно е дека бугарската политичка сцена влегува во нова фаза на тензии, по масовните протести во Софија против предлог-буџетот за 2026 година, земјата се подготвува за нов бран демонстрации. Младите и опозициските партии бараат оставки и вистинска политичка промена, а денеска повторно се собираат пред Министерството за внатрешни работи.

Претседателот Румен Радев порача дека оставката на Владата е неопходна и дека предвремените избори се единствениот пат напред за земјата. Но, и покрај силниот притисок од улицата, поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, смета дека Бугарија сепак нема да оди на нови избори. Вели дека земјата е навикната да живее во постојан изборен циклус, но дека актуелната криза, иако сериозна, најверојатно нема да резултира со уште едно распуштање на парламентот.

Но дали моменталната политичка криза во Бугарија и опцијата која не изостанува- предвремени избори, би можела да го влоши и онака веќе лошиот дијалог кој го има Македонија со Бугарија? Најавите на премиерот Мицкоски дека после празниците ќе има поинтензивни разговори со Софија, нема ниту да ги доближат ниту да ги оддалечат ставовите на Бугарија и покрај политичката ситуација во која се наоѓа земјата, вели Ѓорчев.

Бугарија стои на своето, Македонија на своето, единствено Брисел би можел да интервенира со политичко решение кое би го откочило процесот и би ги натерало двете страни да се придвижат од мртва точка.

И додека Брисел и неколку европски центри на моќ се обидуваат да организираат нова средба на високо ниво, од Софија засега нема конкретен одговор. Нема партнер за танго, порача премиерот Мицкоски, објаснувајќи дека не е јасно дали бугарската Влада воопшто е подготвена да седне на разговори. Тој додаде дека местото и форматот на средбата ќе зависат од тоа дали прашањето ќе се третира како билатерално или како европско, но дека Македонија нема да влезе во процес што повторно би отворил простор за нови условувања.

Според Мицкоски, барањата за јасни гаранции од ЕУ се логични, поради искуствата од минатото. Иако уставните измени се посочуваат како почетен чекор, премиерот предупредува дека нивното усвојување не значи дека за неколку месеци нема да се појави нов услов.