Македонија
10. May 2022 - 21:16

Што ќе ни донесе Европската политичка заедница на Макрон

Францускиот предлог за создавање на т.н. европска политичка заедница треба да се разгледа внимателно, сметаат експертите. Од Институтот за европска политика велат слични предлози имало и претходно но, сега се изменети приоритетите за соработка. Затоа, идејата не треба веднаш да се отфрли, туку Македонија да се обиде да извлече максимум корист од евентуалното формирање на таква заедница со државите аспиранти за влез во Европската унија.

„Мислам дека не треба да се реагира нагло, мислам дека во секој случај треба да се реагира внимателно. Мислам дека не треба да се држиме настрана од оваа дебата, дека треба да бидеме многу активни не само на национално, туку и на регионално ниво. Колку и да сметаме дека регионот е малечок и е под влијание на големите сили, многу е битен дијалогот и релациите што ќе се воспостават со државите членки, бидејќи и кај нив ќе има многу различни мислења“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Експертите сметаат дека францускиот рпедлог доаѓа како резултат на случувањата во Украина.

„Порано ЕУ можеше да биде покомотна и Украина да ја смета како земја која што нема перспектива за членство. Меѓутоа, сега тоа значително се промени и тој притисок практично станува многу поголем на ЕУ. И отттаму, тие мора да дадат некакво ветување на Украина но, дефинитивно не можат да си дозволат проширување. Така што, оваа алтернатива е резултат на тој притисок. Е сега, во однос на Западниот Балкан, дали сме ние колатерална штета во овој случај или, пак, можеме да извлечеме повеќе, мислам дека тоа сега во моментов сè уште не е дефинирано бидејќи за овие предлози уште се раџговара и очигледно е дека се одвојува Западниот Балкан, барем декларативно во сите овие најави“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Сличен е ставот и на министерот за надворешни работи, кој смета дека ништо не треба да го измести процесот на адаптација на кандидатите кон европските правила и стандарди.

„Мислам дека тој предлог беше повеќе претставен во однос на новите разговори помеѓу ЕУ и Украина, Молдавија и Грузија и нивната европска перспектива, отколку што беше спомнат Западниот Балкан. Ние зборуваме за почеток на преговори, не зборуваме за крајно членство. Претседателот Макрон зборува за процес на членство на државите. Така да, не би ги ставил во една директна корелација двете прашања. Ние бараме да влеземе во процес на разговори, со цел земјата да го комплетира процесот на европеизација“, вели Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Според министерот Османи, Македонија интегративниот пат го започнала во пакет со Словенија и Хрватска и треба што поскоро да се заклучи со отпочнување на преговори.