Штипските тутунари имаат големи вишоци
Полни кутии со тутун пред единствениот откупен центар во Карбинци, за целиот Штипско – Карбинскиот регион, но нема кој да го откупи. Откупени се само договорените количини, а за вишокот никој не е заинтересиран. Тутунарите велат дека повеќе од половина од годинашната реколта ќе остане не продаденa.
Два тони имав договорено, а имам уште 2 и пол до 3 тони што остана. Најголем проблем е тутунот што остана, ќе се расипе, немаме ни кутии да го чуваме, а ги нема ни другите откупувачи- изјави Изет Исеин- тутунар од с.Оџалија, карбинско.
Самокритични се дека квалитетот на годинашниот тутун не е ист како претходната година, но откупните цени сепак се екстремно ниски.
Ланскиот квалитет го немаме, ама цените се катастрофални. Досега тутунот што го пласирав имам 130 денари во просек - изјави тутунопроизводител од с.Лакавица, штипско.
За жителите од под Плачковичките села тутуно производството е единствен приход за егзистенција и со парите од реколтата се прехрануваат цели семејства. Принудени се да ги намалат површините, а на јаловата почва друга култура не успева.
Јас лани имав многу, околу 20 декари засадено, а годинава дали 5 декари ќе посадам. Многу е лошо. Цела година работиме, се мачиме, гладни работиме со децата, а ние друго немаме. Овде само тутун се обработува, друго нема – додаде Исеин.
Населението се занимавало и со сточарство, меѓутоа од пред некоја година се преориентирале на производство на тутун. Сега останаа и без стока и без пари, а не откупениот тутун ќе им скапува на таваните.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар