Македонија
31. May 2017 - 13:40

Штипски „Стипион“ го обновува возниот парк

Штипското Јавно претпријатие „Стипион“ набави нова машина, која ќе се користи за зимско одржување на улиците. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Игне Иванов на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за инвестиција на претпријатието и на Општина Штип, која  чини 3.200.000 денари.

- Ова квалитетно возило ќе најде примена во зимската програма, кое ќе помогне во расчистување на снегот, а потребата од ваквото возило е и поголема поради тоа што Штип има околу 120 километри улици, а од друга страна има и околу 150 километри локални патишта, каде што ЈП „Стипион“ ги извршува услугите на овие патишта, рече Иванов.

Тој истакна дека новите возила кои се набавени во текот на минатата и оваа година ќе бидат сместени во објектот во Новакова чешма, кој е добиен од страна на АРМ. Завршен е и тендерот за асфалтирање на пристапниот пат до објектот, а наредните месеци ќе се доопремува овој простор, каде што ќе се преселат механизацијата и вработените во ЈП „Стипион“. Иванов истакна дека за една година набавени се вкупно четири нови возила, меѓу кои и за одржување на уличното осветлување, која е нова дејност на ова претпријатие.