Свет
17. May 2016 - 14:33

Штајнмаер: Да се најде пат кон политичкиот процес во Сирија

Во Виена денека се одржува конференција за Сирија, на која учествуваат шефовите на дипломатиите на повеќе од 20 земји, а целта е враќање на сириската опозиција на преговарачката маса. 

- Мораме да најдеме пат назад кон политичкиот процес, порача шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнамер.

Тој истакна дека од последниот состанок на Меѓународната група на поддржувачи на Сирија во Минхен, пред три месеци, имало одредено смирување на борбите, но истовремено нагласи дека судирите околу Алепо ги намалуваат надежите во примирјето. 

- Во текот на разговорите во Виена на опозицијата треба да и се понудат подобри услови за примирје, како и подобрување на хуманитарната помош, со цел да биде придобиена да се врати на преговарачката маса за да разговара со режимот за политичките промени во Сирија, изјави Штајнмаер.

Според него, денешниот состанок треба да послужи за разговор за воспоставување насоки за преодна влада. 

Состанокот почна изутрината зад затворени врати и ќе трае, како што е најавено до доцна попладне, а меѓу учесниците се САД, Русија, Кина, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, како и соседите на Сирија, Турција, Саудиска Арабија и Иран.  На состанокот учествуваат и претставници на Обединетите нации, Европската унија, и Арапската лига.