Македонија
7. March 2017 - 17:22

Шојбле: Отпишувањето на грчкиот долг не е на дневен ред

Прашањето за отпишувањето на грчкиот долг во моментов не е на дневен ред, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. 

- Отпишувањето на задолженијата не е прашање во моментов. Станува збор за тековната програма што треба да се заврши до крај и да се усогласат следните транши, посочи германскиот министер. 

- При преговорите за Брегзит, што се наближуваат, од витално значење е останатите 27 земји членки да дејствуваат заедно, истакна Шојбле. 

Според него преговорите ќе бидат тешки и сложени. 

- На крајот, на секој треба да му стане јасно дека има повеќе предност ако земјата остане во Европската унија, отколку ако ја напушти, нагласи германскиот министер за финансии. 

- Германија е против обезбедувањето на преференции за Лондон во тој процес, со цел да не бидат поттикнати и други земји да излезат од ЕУ, посочи Шојбле. 

Тој исто така изрази подготвеност да разговара за загриженоста на САД, што произлегува од трговскиот суфицит на Германија, но категорично ги отфрли обвиненијата дека Берлин користи пониска вредност на еврото со цел да го стимулира извозот. 

- Никој не може да тврди дека го постигнуваме тој суфицит преку манипулации, потенцира тој. 

Шојбле ќе се состане со неговиот американски колега Стивен Мнучин на 16 март во Берлин.