Македонија
11. August 2017 - 21:28

Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ преку обидот за блокада на Собранието го штити Зврлевски

ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да го штити Марко Зврлевски и криминалот во оваа земја, рече на денешната прес-конференција во македонското Собрание пратеникот на СДСМ Петре Шилегов.

Според него, пратениците на оваа партија се инструментализирани и преку обид да направат тотална блокада на Собранието делуваат всушност единствено во заштита на криминалот на нивното партиско раководство.

- Ние сме свесни дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ е исклучително нервозно поради судските процеси што ги чекаат. Но, нивната нервоза нема да ја спречи правдата и нема да спречи конечно во Македонија сите да бидат еднакви пред законот и еднакво да одговараат за своите постапки. Затоа на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им препорачуваме да ја сменат реториката, начинот на своето обраќање, поведението во Собранието и нивниот начин на Собраниско функционирање со којшто се обидуваат да предизвикаат инцидент во парламентарната сала, рече Шилегов.

Тој додава дека доколку навистина веруваат во нивното толкување на членот 8а од Изборниот законик и дека разрешувањето на Зврлевски би било незаконито, тоа, вели, е причина повеќе да се повлечат бесмислените дебати, реторики, реплики и контрареплики на самите себе и ако е навистина незаконито тоа разрешување за да може Зврлевски и утре да си поведе постапка за таква незаконитост.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа постои ли начин да се надмине обидот на опозицијата за блокада на Собранието со реплики и контрареплики освен нивната добра волја, Шилегов вели не станува збор за чекање добра волја, туку за класична злоупотреба како што беше и во текот на конститутивната седница, на одредбите од Деловникот на Собранието.

- Доколку е целта на ВМРО-ДПМНЕ да направи целосна блокада на државата, граѓаните тоа ќе го ценат и проценат, и ќе го испорачаат на локалните избори. Се гледа кој во оваа држава ги блокира сите процеси и со каква цел. Единствената цел за блокадата е да се заштити криминалот на Никола Груевски и криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Нема поинакво образложение. Граѓаните ценат кој ја врши блокадата и какви се тие цели. И покрај таквата блокада, Марко Зврлевски ќе биде разрешен, правдата ќе ги стаса сите што треба да ги стаса, вели Шилегов.

Тој додаде дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе ја донесе минималната плата, ќе ја укине радиодифузната такса, ќе ја воведе евтината струја, ќе донесе закон за стечајните работници и најтешко загрозената група на граѓани, односно оние кои што имаат минимална плата, односно 35 илјади до 45 илјади граѓани во текот или при крајот на летото ќе ги испратат на заслужен одмор кој што не можат да си го приуштат со своите примања, и граѓаните тоа ќе го видат.

- Блокадата со цел да се избегнат сторените криминали и невидениот историски грабеж што е направен на нашата држава нема да му помогне на ВМРО-ДПМНЕ. Таму имате луѓе што немаат политичка рационалност кога одлучуваат, бидејќи не одлучуваат по основ на здрав разум, туку по основ на себични причини, свесни дека следните дваесет или четириесет години треба да ги поминат во затвор, рече Шилегов.