Свет
30. May 2019 - 10:35

Шестгодишно девојче меѓу седумте жртви во несреќата во Будимпешта

Едно шестгодишно девојче е една од седумте туристи од Јужна Кореја кои загинаа во судирот на два брода на Дунав во Будимпешта.

Ниту еден од 32 –та туристи на бродот не носеле елеци за спасување, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Официјални претставници во Сеул изјавиле дека до сега се спасени седум туристи, а 19 се водат како исчезнати.

Некои светски медиуми јавија дека во моментов се трага по 21 лице.

Бродот на кој се наоѓале 33 патници и двајца членови на екипаж потона кај мостот Маргарет, после судир со поголем туристички брод, кој го удрил со крмата.

На туристичкиот брод имало и двајца членови на екипаж од Унгарија. Бродот прво почнал да се полни со вода, а потоа се превртел и потонал, додека во Будимпешта беснеела силна бура.

Локалните медиуми јавија дека остатоци од бродот Сирена се пронајдени во коритото на реката по неколку часа пребарување во близина на мостот Маргарет, еден од главните мостови кои ги поврзуваат двата дела на унгарскиот главен град.