Шеќеринска: Нема поголеми избори и изјаснување од референдумот
Поголеми избори и појасно изјаснување од претстојниот референдум нема да имаме. Таа порака граѓаните ќе ни ја упатат на 30 септември и затоа нашиот повик до сите е да го искористат тоа право и да го кажат својот став, одговори министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање дали предвремените парламентарни избори се опција „Б“ по изјаснувањето на пратеници од ВМРО - ДПМНЕ дека нема да гласаат за уставните измени.
- Овој дел на дискусиите во рамки на Парламентот покажуваат дека некои партии повеќе тераат партиска политика отколку државна политика и жалам за тоа. Ги чувме повиците сите граѓаните да гласаат според своето убедување и мислење. Верувавме на тие зборови. Ги чувме изјавите дека доколку референдумот биде позитивен со поддршка за наше членство во НАТО и ЕУ и прифаќање на договорот, верувавме во тие зборови затоа што сметаме дека навистина политичките партии имаат одговорност за тоа што го кажуваат. Вистинската адреса за овие прашања е во партијата која испраќа три различни верзии на едно исто прашање. Три различни одговори, рече Шекеринска по денешното отворање на 4. Мобилен летен универзитет на Балканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Ние сме фокусирани на референдумот, подвлече, заради тоа што секој ден гледаме дополнителни аргументи зошто Македонија треба час поскоро да стане членка на НАТО и на ЕУ. Фокусирани сме на референдумот, потенцира, заради тоа што гледаме дека огромно мнозинство на граѓани на оваа држава посакуваат да се реши проблемот и државата да тргне напред.
- Политичките партии и поединци коишто ќе застанат на патот на јасно изразената граѓанска волја ризикуваат да бидат видени како политичари кои само се пазарат за лични интереси и за амнестија. Затоа мислам дека во следниот период многу маски ќе паднат, но Македонија не смее да ја плаќа цената на личните и на партиските интереси. Нашиот фокус се граѓаните овој референдум и нашиот фокус е државата да ја обезбедиме со членство во НАТО и во ЕУ, нагласи министерката за одбрана Шекеринска.
На прашањето дали до македонската Влада преку нон-пејпер се пристигнати уставните измени изработени од грчката страна, Шекеринска истакна дека овој период сме бомбардирани со лаги и невистини, а целта е, рече, повторно да не се фокусираме на потребите на граѓаните, туку да се фокусираме на потребите на ВМРО-ДПМНЕ.
- Во таа замка нема да паднеме. Замислете да се случеше обратното, да почневме сега со работа на уставните амандмани пред граѓаните да го кажат својот став. Ќе речеа дека Владата тргнала еден чекор понапред без притоа да ги сослуша граѓаните на РМ. Ние нашите чекори јасно ги најавивме. Одиме прво на референдум, очекуваме граѓаните да го кажат својот став за нашето членство во ЕУ и НАТО и прифаќање на договорот, и во зависност од одлуката на референдумот ќе продолжиме понатаму, порача Шеќеринска.
Додаде дека ако грчката страна мислела дека така треба да се постапи, тоа ќе беше дел од договорот.
- Затоа велам лагите се тука за да не ни дозволат да се фокусираме на суштината. Ние потпишавме договор и тој договор е обврзувачки. Наши се обврските, а не грчки. Јасно ставивме до знаење и ВМРО - ДПМНЕ тоа можеше да го чуе дека работата на уставните измени ќе почне откако граѓаните ќе го кажат своето мислење. Сметаме дека тоа е чесно, оправдано и е единствениот можен начин. Единствените кои говорат вака се некои грчки кругови и ВМРО - ДПМНЕ. Очигледно е дека ставот кон договорот и кон решението на овој повеќедецениски проблем единствено го делат припадниците на нашата и на грчката опозиција, изјави Шекеринска.
Прашана дали е потребна нова лидерска средба или политички дијалог после референдумот, Шекеринска децидна дека Македонија мора да стане нормална држава во која власта и опозицијата секогаш треба и пожелно е да дискутираат. Таа изрази уверување дека и лидерските средби и комуникацијата и соработката помеѓу политичките партии е она што им го должиме на граѓаните.
- Не верувам дека на Македонија и треба уште една рунда преговори околу амнестија за криминалот и корупцијата, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Ново на Сител
-
Синдикатите и работодавачите со различни ставови за „недела неработен ден“
-
Тема на денот со Марјан Ристевски, заменик министер за економија и труд
-
Маркетите ги вратија старите цени на производите кои ги покачија, а не се дел од Новогодишната кошница
-
По повод 45 години Пекабеско ќе донира 30.000 евра за најмладите
-
Последни пратенички прашања за годинава
-
Собранието на чекор до разрешување на членови на Судски совет
-
Дали има судир на интерес во одлуката на Антикорупциска за назначувањето на Бојан Христовски во АНБ?
-
Етнички права во правна држава