Шекеринска за Хина: НАТО нема да отстапи од поддршката за Украина

НАТО нема да се откаже од помошта за Украина, а Хрватска е вреден и доверлив сојузник во тие напори, изјави заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за хрватската агенција Хина.
Таа нагласи дека хрватската посветеност кон НАТО е „многу јасна“. – По бруталната руска агресија врз Украина, Хрватска беше вистински сојузник кој ја поддржа Украина не само финансиски и политички, туку и воено. Станува збор за 245 милиони евра директна хуманитарна и воена помош, рече таа.
Шекеринска учествуваше на Дубровничкиот форум изминатиот викенд и повтори дека НАТО останува цврст во поддршката на Украина.
– Русија го поткопува меѓународниот поредок, европската безбедност и главната цел на Алијансата – безбедна евроатлантска зона. Затоа ја поддржуваме не само територијалната целовитост и суверенитет на Украина, туку и нејзиното право и способност за самоодбрана, истакна Шекеринска.
Само минатата година НАТО сојузниците ѝ испорачале на Украина повеќе воена помош од ветеното – над 50 милијарди евра. Во првите шест месеци од годинава, таа сума изнесува дополнителни 35 милијарди евра.
За поефикасна координација на помошта, НАТО воспостави посебна командна структура во Висбаден, Германија, како и заеднички центар со Украина во Полска. Овие капацитети имаат задача не само да обезбедат помош, туку и да извлечат поуки од украинското борбено искуство.
Дополнително, како што посочи Шекеринска, дел од сојузниците веќе разговараат за формирање „Коалиција на подготвени“ – група земји што ќе продолжат со поддршка и по евентуално примирје, со цел осигурување на праведен и одржлив мир.
Во однос на загриженоста во Европа за ставовите на актуелниот американски претседател Доналд Трамп кон НАТО, Шекеринска изјави дека нема простор за страв. – Заклучоците од последниот Самит во Хаг потврдуваат единство на трансатлантскиот сојуз. САД се јасно и силно посветени на НАТО, рече таа.
Според неа, американската посветеност доаѓа со очекување дека европските сојузници и Канада ќе вложат повеќе за да се постигне праведна распределба на безбедносниот товар. На Самитот беше договорено сите членки да ги зголемат буџетските издвојувања за одбрана на 5 отсто од БДП.
– Сојузниците споделуваат исти проценки за најголемите закани и заедничка визија за тоа како да се соочат со нив – преку зголемени трошоци за одбрана и развој на поамбициозни капацитети, истакна таа.
Во врска со одлуката на Хрватска да воведе задолжителен воен рок од следната година, Шекеринска порача дека таквите политики се суверено право на секоја држава членка.
– Некои земји се фокусираат на професионална армија, други повторно го воведуваат воениот рок. НАТО го почитува изборот на секоја држава во согласност со нејзините околности, изјави таа.
Главниот фокус на Алијансата, според Шекеринска, е развој на воените капацитети и поддршка на усогласените оперативни планови.
Ново на Сител
-

Реализирани над 65 проценти од проектот за реконструкција и проширување на охридскиот аеродром
-

ЈПДП потсетува дека од 15 јуни лентите за MTAG ќе бидат исклучиво за корисници со електронски тагови
-

Кина: Почнавме специјална поморска операција во близина на Тајван
-

Приведен 40-годишен жител на Свети Николе, пронајдени марихуана и семки од канабис
-

Папата пред повеќе од милион луѓе на миса во Мадрид ги повика младите да пронајдат вера
-

Зверев го израмни рекордот на Ферер за најмногу победи на Ролан Гарос од страна на играч без титула
-

Хамилтон за ГН на Монако: Знаете како одат овие трки, ќе биде многу тешко да се престигне
-

Пукање на фестивал во САД, најмалку 12 ранети
