Македонија
21. November 2018 - 13:22

Шекеринска: Успехот на припадниците на АРМ во мисијата во Авганистан е успех за стратешките определби на Македонија

На сите средби со раководството на мисијата „Одлучна поддршка“, ми беше пренесена една порака – дека тоа што вас ве карактеризира се вашата посветеност, вашите вештини и способности. Денеска сите треба да сме горди, и јас како министерка што ги слушнав овие пофални зборови за нашата Армија, и вие како наши претставници заслужни за тоа, им порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на припадниците на македонскиот контингент во Авганистан на неформалната средба на аеродромот во Кабул.

-Бидете сигурни дека вашиот успех во мисијата на НАТО е видлив и почитуван, тоа е успех за Македонија. Седнувањето на Макеоднија на масата каде Алијансата ги носи одлуките е ваша најголема заслуга и најголем придонес, рече министерката на средбата.

Шекеринска и војниците, информираат од МО, разговараа за условите во кои тие работат и живеат, за контактите со граѓаните на Авганистан и за определбата АРМ и НАТО да продолжат да ги поддржуваат демократијата, слободата и еднаквоста во Авганистан, сега како партнери а наскоро и како сојузници.

Министерката, се вели во соопштението од МО, им порача на мировниците да продолжат да бидат вистински професионалци во извршувањето на задачите, да се чуваат себеси и своите колеги и живи и здрави да им се вратат на своите семејства и својата Армија во Македонија.

-Ве очекуваме живи и здрави назад во Македонија, во вашиот дом, успешни и горди на покажаните резултати и стекнатото искуство. Ве чекаме заедно со вас да продолжиме да ја градиме нашата татковина во успешна европска земја, членка на НАТО, рече министерката.

Претходно, во командата на мисијата „Одлучна поддршка“, Шекеринска се сретна и со најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Корнелиус Цимерман. По средбата, министерката Шекеринска рече дека земјите-членки на НАТО и земјите- партнери долги години ја поддржуваат оваа мисија и дека сега за првпат постои шанса за политички дијалог и преговори кои можат да бидат пресврт во состојбите. Министерката додаде дека Македонија добива силна, јасна благодарност заради постојаниот ангажман, што е најдобар начин да се покаже што Македонија може да понуди на Алијансата.

Цимерман изрази задоволство од посветеноста на Македонија на мисијата „Одлучна поддршка“, за која посочи дека е важна не само во воена, туку и во  политичка смисла.

-Секој член повеќе ја зголемува политичката тежина на мисијата во оваа земја. Вашите војници придонесуваат на многу важен начин на целокупното вложување напори за обука, асистенција и советување, што во основа значи дека му помагате на НАТО и на партнерите, да им помогнат на авганистанските безбедносни сили да бидат подобри со секој поминат ден, рече Цимерман. Тој додаде дека е важно да се развијат потребните воени гаранции што ќе и овозможат на авганистанската влада да направи храбри чекори во сферата на мирот.

Највисокиот цивилен претставник на Алијансата во Авганистан изрази желба Македонија наскоро да ги направи потребните чекори и да и се придружи на Алијансата како нејзина 30 земја – членка.

Во рамките на својата прва посета на Авганистан како министерка за одбрана, Шекеринска во командата на Кабул се сретна со командантот, турскиот бригаден генерал Јашар Дилбер, имаше видео конференциски состанок со командантот на командата Север, германскиот бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус, а во командата на мисијата „Одлучна поддршка“ се сретна и со командантот на мисијата, американскиот генерал Остин Скот Милер.