Македонија
29. March 2018 - 15:06

Шчербак: Нема закана за Македонија во однос на членството во НАТО

Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, денеска рече дека „нема закана на адреса на Македонија“, доколку земјата стане членка на НАТО.

Рускиот амбасадор ова го рече во контекст на изјавата од минатата недела на заменик шефот на руската дипломатија Александар Грушко, дека ако Македонија стане членка на НАТО тоа ќе влијае на билатералните односи и стабилноста во регионот..

Според него, разговорот на Грушко со македонскиот амбасадор Гоце Карајанов, бил за натамошниот успешен развој на билатералните односи и се дискутирало за многу аспекти од трговската, економската, културната соработка, инвестициите.

- Беше изразена нашата загриженост од плановите за вовлекување на Македонија во НАТО и беше забележано за негативните последици од тоа вовлекување по регионалната безбедност и билатералните односи, рече Шчербак, додавајќи оти Русија повеќепати го изнесува истиот став.

Според него, сите обиди загриженоста на Русија да се толкува како закана на адреса на Македонија, како што кажа, „се пропагандистички и лажни вести“. 

- НАТО е единствен во светот воено-политички блок што се затскрива зад евроатлантска солидарност. НАТО е виновен за почнување на многу агресивни војни во кои гинат милиони луѓе. Во своите воени доктрини официјално Руската Федерација ја прогласија за свој ривал. Како ние во овој случај можеме да ги поздравиме обидите Македонија да се вклучи во НАТО и да се претвори во база на оваа агресивна Алијанса, запраша Шчербак. 

Додаде дека во случај на агресија од НАТО кон Русија, доколку  Македонија стане дел од НАТО таа ќе биде легитимна цел при возвратен напад од Русија.

Според него, самото проширување на ваквиот сојуз не може да има позитивно влијание врз стабилноста на регионот.

Рускиот амбасадор, пак од друга страна, посочи дека Македонија е суверена држава и како таква има целосно право да се зачлени во какви било меѓународни структури. 

- Нема да ви наметнуваме наши ставови со кого да бидете пријатели, со кого да соработувате. Но имам човечка должност да ви кажам дека вакви одлуки треба да бидат добро промислени и да се слуша волјата на народот преку референдум, рече тој.

Според него, зачленувањето на Македонија во НАТО нема да и обезбеди просперитет и нема да го зацврсти нејзиниот територијален интегритет.

- Воздушниот простор на земјата одамна е под контрола на силите на НАТО, и кој во такви услови може да ја нападне Македонија. Самото НАТО или можеби вонземјани?, запраша Шчербак.

Рускиот амбасадор претходно на прес-конференцијата рече дека одлуката на македонските власти да протераат руски дипломат има неоснован карактер, е избрзана и е без преседан за целата историја на руско-македонските односи.

- Претставниците во Скопје одлучија да го преземат овој непријателски чекор во однос на нашата земја под влијание однадвор, но тоа не ги ослободува македонските власти од негативните последици во однос на билатералните односи, рече Шчербак.

За одлуката на МНР, додаде, дека „станува збор за политичка нарачка, за да се обезбеди учество на Македонија во колективната акција на ЕУ и НАТО за протерување дипломати, во солидарност со Велика Британија“.

Во однос на тоа какви чекори ќе преземе Русија како одговор на протерувањето на руски дипломат од страна на Македонија, Шчербак рече дека Русија има стара традиција во дипломатијата и оти нема традиција да брза во одлуките и чекорите кои ќе ги преземе.

- Во дипломатијата протерување дипломат е сериозен и непријателски чекор и во свое време ќе вратиме со наш одговор. Но, овој одговор ќе биде адекватен и добро промислен од сите страни, истакна Шчербак.

Во однос на изјавата на шефот на дипломатијата Никола Димитров, дека лицето делувало надвор од својот дипломатски мандат, Шчербак посочи дека македонската страна не доставила докази за тврдењата за делувањето на дипломатот, односно дали тој се занимавал со одредени дејствија што излегуваат од дипломатскиот статус согласно Виенската конвенција за дипломатски односи.