Македонија
6. јуни 2023 - 16:36

Шаќири не е сигурен дека од 1 септември ќе има учебници за секој ученик

И следната учебна година може да почне без дел од учебниците оти нема кој да ги напише. Министерот за образование тврди дека за 80% од предметите веќе има ракописи, а за останатите ќе се бара решение, ако треба и со подготвителни материјали. 

„Сите учебници за прво, второ, четврто и петто се одобрени и веќе имаме започнато постапка која завршува за брзо. За трето одделение како се доставени програмите од БРО, веќе имаме доставени ракописи од авторите до МОН. За одредени предмети, на пример, за македонски јазик, пак на неколку повици немаме пријавено автори. Исто се случува и за шесто одделение каде што имаме нови програми“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование.

Долго време немало пријавени автори и за учебникот по македонски за петто, кој пристигна дури минатата недела. Шаќири смета дека интересот е слаб бидејќи надоместокот не го добивале наеднаш, туку на рати. А додека петтооделенците се израдуваа на овој, им го повлекоа учебникот по историја кој беше полн со грешки. Сепак, тие што напишале дека Албанија ни е источен сосед, згрешија знамиња и го пораснаа Монт Еверест, нема да бидат казнети. 

Законот не предвидувал санкции, но Шаќири ќе побара авторот што згрешил да нема право да се пријави на друг оглас. Според него, грешки имало и во Америка, па се прилагодувале и таму.

„Во споредба со системот на САД и таму има ситуации каде што има грешки во учебниците, од содржински или технички аспект. Имаат начин на реализирање на настава без учебници во таа земја, со цели задачи, неделни и работни задачи“, додаде Шаќири.

На Бирото за јавни набавки е објавен оглас со рок до 14 јуни на кој треба да се пријават фирми за печатење учебници за наредните две учебни години. Неизвесно е дели тие ќе стигнат навреме бидејќи претходно овие огласи се објавуваа во февруари.

Оваа учебна година започна со речиси 75 илјади привремени учебници за што државата потроши 640 илјади евра. Парите се заеам од светска банка.