Македонија
9. јуни 2021 - 13:51

Шабани: И покрај пандемијата, учебната година успешно заврши

Учебната година и покрај предизвиците на пандемијата успешно заврши, што се должи на големиот ангажман на Министерството за образование и наука како и на сите други директни и индиректни учесници во образовниот процес, рече заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани, во емисијата „200“ на Алсат.

„Анализите на Министерството за образование и наука се дека учебната година, особено за основните и средните училишта, завршува според очекувањата и предвидувањата што ги имавме од почетокот на учебната година. Ова беше потврдено и со истражувањето што го направи УНИЦЕФ“, рече Шабани.

Заменик министерот објасни дека враќањето на учениците со физичко присуство во училиштата зависи од епидемиолошката состојба и не треба да се поврзува со реформите на кои работи министерството.

„Има мислења кои дигитализацијата и реформите што ги правиме ги поврзуваат со онлајн наставата. Овие прашања не се никако меѓусебно поврзани и треба да се одвојат“.

Шабани нагласи дека фокусот на јавноста е свртен кон реформата на основното образование, но Министерството за образование и наука паралелно работи и на новиот концепт на средно образование – на стручното и на гимназиското образование, како и на усогласување на регулативата, а законите за наставници и за учебници и дидактички материјали се во собраниска процедура.

Реформите на кои работи Министерството за образование и наука се прават со единствена цел да се зголеми квалитетот на образованието и да го достигне квалитетот што го има образованието во развиените држави, објасни заменик министерот.

МОН во делот на високото образование финансира додипломски и постдипломски студии на престижни универзитети рангирани во првите 100 на светската ранг листа, но со услов по завршувањето тие да се вратат и со стекнатото знаење да придонесат во нашата држава.

„Ги сензибилизираме универзитетите да не мислат само на квантитет кога запишуваат студенти, што посебно е изразено кај државните универзитети. Со отворањето на

вратите за нашите млади во Европа и пошироко, треба да се зголеми грижата на универзитетите да ги мотивираат матуранти за студии на нивните универзитети. Универзитетите треба да се тркаат со квалитет“, потенцираше Шабани, додавајќи дека младите луѓе можат да се привлечат да студираат на домашен факултет ако им нуди квалитетни студии кои ќе ги подготват за пазарот на труд.

Заменик министерот Шабани е и раководител на преговарачката група во име на Македонија за договорот за Програмата „Хоризонт Европа“ 2021-2027. Оваа програма е продолжување на програмата Хоризонт 2020 за наука, иновации и технологија на ниво на ЕУ и има фонд од 100 милијарди евра за финансирање на истражувачки и научни проекти. Објаснувајќи дека години наназад повеќе сме инвестирале во овие програми отколку што сме ги користеле, Шабани рече дека искористувањето на овие средства може да го крене квалитетот на нашите универзитети, посебно во делот на науката.

Министерство за образование и наука

Ново на Сител