Македонија
2. January 2022 - 21:15

Сезонскиот грип ги полни амбулантите

Во 2022 влегуваме со повеќе од 1.100 регистрирани случаи на грип. Оваа сезона бројките се за 3,6 пати повеќе од ланската и дури за 16 проценти зголемени во споредба со десетгодишниот период. Од утре децата се враќаат во градинките а токму кај оваа популација според извештајот на ИЈЗ има највисока инциденца. 194 од регистрираните се кај најмалите од 0-4 години. Во детската болница во Козле велат дека помалку имаат позитивни на ковид а амбулантите се полни со пациенти со други респираторни вируси.

-Се враќаат болестите што беа и пред 2 години. Ковид имаме само 7 пациенти и тие се во добра состојба. Во амбулантите имаме пациенти со настинки и сезонски грип. Не доаѓаат со тешка клиничка слика, малку се тие кои касно побарале лекарска помош, вели др. Беким Зекири директор на болница за белодробни заболувања во Козле.

 Дури 38 проценти од случаите на грип се во Дебар каде е регистрирана многу висока активност на вирусот. Во поголем број од градовите, пак, нема ниту еден случај на грип.

Лекарите велат најдобар лек  е вакцинацијата и досега заштита против овој вирус имаат 49.010 граѓани. Повеќе од 44 илјади од нив примиле од бесплатните вакцини што ги набави Министерството за здравство за ризичните групи. Останатите платиле 800 денари за вакцина и 32 проценти имаат историја на хронични заболувања.

Случаи на грип по месеци:

- октомври – 102 случаи или 8,9%

- ноември – 307 случаи или 26,7%

 - декември – 739 случаи или 64,4%

- Број на заболени со грип сезона 2021/22 – 1148

- Број на вакцинирани против грип – 49.010 граѓани