Северна Кореја истрела балистички ракети
Северна Кореја утрово повторно истрела балистички ракети во морето во близина на брегот на Јапонија, што ги ескалира тензиите во Пацификот, поттикнати од наизменични севернокорејски тестови на оружје и воени вежби на Јужна Кореја и нејзините сојузници. Пјонгјанг често тестира оружје, особено интерконтинентални балистички ракети, и покрај меѓународните санкции, а новата влада во Сеул одговара со поинтензивни заеднички воени вежби со својот главен сојузник САД.
По најавата за нови вежби, Северна Кореја во петокот истрела интерконтинентална балистичка ракета во морето кај западниот брег на Јапонија. Јужна Кореја и САД во неделата одговорија со заедничка вежба на воздухопловните сили, а САД организираа заеднички воени вежби и со Јапонија.
По воените вежби во неделата, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Јонг, предупреди дека не треба да се зголемува присуството на американските стратешки воени капацитети на Корејскиот полуостров.
„Внимателно го проучуваме влијанието (на тие способности) врз безбедноста на нашата држава“, рече Ким Јо Јонг во изјавата. „Колку често ќе го користиме Пацификот како полигон за обука ќе зависи од природата на потезите на американските сили“, додаде таа.
Пјонгјанг денеска истрела две балистички ракети, соопшти јужнокорејската војска. Севернокорејските медиуми потврдија дека два проектили биле истрелани од повеќецевни ракетни фрлачи на цели оддалечени 395, односно 337 километри.
„Повеќецевниот ракетен фрлач од 600 милиметри, мобилизиран за пукање... служи како платформа за тактичко нуклеарно оружје и може да ја „парализира“ пистата на непријателот“, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Јапонија упати силен протест и остро ја осуди Северна Кореја, додаваат тие. Засега нема извештаи за штета на бродови или авиони. Во новиот документ за одбрана, Јужна Кореја го нарече северниот сосед „непријател“ за прв пат по шест години, што сигнализираше обновено заострување на односите со Пјонгјанг.
Двете земји технички сè уште се во војна, од 1950-тите, бидејќи Корејската војна не заврши со мировен договор, туку со примирје. „Северна Кореја нѐ дефинираше во декември 2022 година како 'неприкосновен непријател'“, напиша Сеул во Белата книга за одбраната официјално објавена минатата недела.
„Следствено, севернокорејскиот режим и војската ... се наши непријатели“, се вели во текстот.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека побарал итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации поради лансирањето на балистичка ракета од Северна Кореја. Јапонското Министерство за одбрана објави дека ракетите паднале во морето надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија.
„Серијата потези на Северна Кореја, вклучително и повторените лансирања на балистички ракети, го загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница“, соопшти јапонското министерство.
Ново на Сител
-
Зошто нема организиран превоз за лица кои одат на дијализа во ГОБ 8-ми септември?
-
Нова компресорска станица на Клинички
-
Еуроактив: Нема преговори меѓу Софија и Скопје, македонската влада сепак дава шанса на дијалогот
-
Преглед на вестите од светот
-
Избран нов Виш обвинител во скопското обвинителство
-
Нова компресорска станица на скопските клиники
-
Безбеден интерент за младите
-
Во ера на дигитализација младите не спортуваат