Македонија
18. February 2016 - 12:47

СЕП ги презентираше програмите на ЕУ за периодот 2014-2020

Финансиска поддршка на проекти за млади, за образовниот систем, за мали и средни претпријатија, за иновации... ќе се овозможи со програмите на Европската унија за периодот 2014-2020 година. Со подобра информираност за програмите и подобрување на капацитетите на потенцијалните корисници треба да се постигне поголема искористеност, а со тоа и спроведување на потребните реформи.

Владиниот Секретаријат за европски прашања во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) денеска ги презентираа можностите од вториот пакет на програмата на Унијата пред државни институци, бизнис и граѓанскиот сектор. На располагање се програмите Хоризонт 2020, Еразумус плус, Европа за граѓаните, КОСМЕ, ЕаСи, Креативна Европа-Култура и МЕДИА, Механизам за цивилна заштита и Живот плус.

- Во првиот дел од пакетот во периодот 2007-2013 досега се искористени околу  20 милиони евра за околу 800 проекти.  Се работи за дополнителни програми на ЕУ или фондови кои Република Македонија може да ги користи, покрај ИПА фондовите. Вториот  пакет програми се за земји членки  на ЕУ и земји кандидати за членство кои ќе учествуваат во нив, изјави вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

Со овие програми, потенцира, ќе се овозможи поддршка на проекти за млади, за образовниот систем, за мали и средни претпријатија, за иновации. - Се што значи поддршка на развојни проекти за приближување кон  европските вредности, можности за мобилност на младите, за фирмите да инвестираат во иновативни проекти, како и за другите институции, универзитети, граѓанскиот сектор, општините и државните институции во однос на реформите што се планираат во Република Македонија, рече Бесими.

Од програмите што се отворени ја издвои Еразмус плус каде, како што рече, има успешна реализација. - Во досегашниот период со Националната агенција за европски образовни програми  и мобилност и поддршката што е дадена од Буџетот и од ЕК доставени се 316 апликации, а 84 проекти се веќе одобрени. Во тек на 2015 година беа искористени грантови од 4,2 милиони евра. Програмите на Унијата, покрај ИПА фондовите,  се огромна можност нашите институции, граѓанскиот сектор и младите да искористат можности за напредок во остварување на нивните цели, нагласи Бесими.

Мартин Клауке, претставник на делегацијата на Европската комисија во Македонија, наведе дека програмите на ЕУ овозможуваат блиска соработка со другите земји од Унијата и од регионот за да се одговори на заедничките предизвици и да се усвојат препораките за членство во ЕУ.  Исто така, се промовира развој на технички и административни капацитети за подобро да се имплементираат европските политики.

- Бројот на корисниците е зголемен во последните години, што е многу позитивно, иако се уште мислиме дека може подобро да се искористат и сакаме да ги охрабриме сите да аплицираат и да се промовираат програмите, рече Клауке.

Според претставникот на ГИЗ Михаел Самец, програмите на Унијата ќе помогнат за европската интеграција, а ГИЗ  ќе помогне во тоа.

- Ова е шанса за сите нас и за државите да бидеме блиску до ЕУ. Европската интеграција е за граѓаните, работниците, академиците, биснисмените, за сите нас да работиме заедно кон заедничките предизвици. Програмите на ЕУ ќе помогнат во тоа. Македонија  е дел од овиее интеграции и ги охрабрувам сите Македонци подобро да ги користат, а ние можеме да помогнеме, наведе Самец.