Македонија
8. October 2020 - 16:46

Семејни кластери во Струмица, полни болничките капацитети

Ковид сликата во Струмица станува загрижувачка. Ако до пред извесен период имаше само по неколку случаи на неделно ниво, сега на дневна основа се регистрираат двоцифрени бројки на ново инфицирани. До пред две недели најголемиот број од позитивните беа млади луѓе, a сега е обратно. Од центарот за јавно здравје регистрирале и повеќе фамилијарни кластери во кои вирусот бил пренесен од помладите.

„Сега по наши проценки веќе овие луѓе млади кои на некој начин се заболиле, односно инфицирале почнуваат да ги инфицираат своите домашни и така да имаме веќе доста податоци за мали кластери од фамилијарен тип“, вели д-р Петре Витанов - Директор на центар за јавно здравје Струмица.

Меѓу позитивните на корона вирус се и двајца доктори од струмичката болница, три медицински сестри и двајца од администрацијата. Со ова дополнително се отежнува работењето на болницата која веќе подолг времески период има недостиг од медицински персонал.

„Нивното отсуство ни претставува тежина за организирање на тие одделение од каде што потекнуваат докторите. Затоа сега мака мачиме во смисол на тоа да се обезбеди персонал кој ќе биде на тие работни места каде што треба, меѓутоа че гледаме да обезбедиме персонал од другите одделенија“, вели д-р Наќе Гогов - директор на општа болница Струмица.

Поради зголемениот број на ново заразени болницата адаптираше дополнителен простор за нивна хоспитализација. Доколку бројот продолжи да расте се разгледува можноста првиот крак од новото крило целосно да биде адаптиран како ковид центар.