Села го напушти Ахмети – пратениците ќе делувале како независни
Зијадин Села го напушта бродот на Али Ахмети. По изборниот резултат на локалните избори претседателството на партијата одлучило да делува самостојно, а пратениците во Собранието да функционираат како независни.
По суштински и многу важни дискусии, членовите на Претседателството едногласно донесоа одлука за автономно дејствување на Алијансата за Албанците, додека во наредните денови пратениците на АА ќе ја обработуваат во Собранието одлуката за дејствување како независна група.
По одлуката Села не е достапен за коментар како ќе делуваат во Парламентот, со оглед дека имаат 4 –ца пратеници, недоволни за пратеничка група.
Села доби ладен туш и од премиерот Мицкоски на кого преку албански медиуми му постави услови за да се започнат разговори за влез во владината коалиција и обезбедување на бадинтерово мнозинство во Парламентот. Премиерот не ги слушнал барањата, но му порача дека нема да прифати никакви ултиматуми и условувања.
Одвојувањето на Села е дополнителен удар за ДУИ, откако од коалицијата замина и Тачи. Сепак пратеничката група на ДУИ не гледа проблем во делувањето.
За Вреди кои веќе потврдија дека се водат интензивни разговори со пратеници на ДУИ за преминување во мнозинството, заминувањето на Села е потврда за распад на коалицијата на Ахмети.
Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Лога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда. Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците.
Паралелно со прекројувањата во албанскиот блок, според Филипче договор со ВМРО-ДПМНЕ не може да има за ниту една тема.
-
Ивана Соколовиќ Најдовa
Сите содржини од овој новинар
