Сексуалните работнички го добија процесот против државата во Стразбур
Четири сексуални работнички ја добија државата во Стразбур. Македонија треба да им исплати по 3.300 евра. Судот за човекови права заклучил дека доживеале нехуман и понижувачки третман додека биле уапсени и држени во полициска станица за акцијата на МВР во 2008 година. Тогаш беа приведени 23 сексуални работнички околу МАНУ и МТВ, а потоа и тестирани за заразни заболувања на Инфективна.
- Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет, изјави Наташа Бошкова, правничка и адвокатка во ХОПС.
Од невладината ХОПС се надеваат дека државата ќе им ги исплати парите на сексуалните работнички. Навредите кон нив во полициската станица Бит Пазар каде биле држени без храна, лекови и тоалет успеале да ги докажат после 15 години, откако македонските судови не утврдиле вакво нешто.
- 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд Скопје, кој во два наврата утврдил повреда на правата и ги задолжил МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди, но Апелациониот суд ја преиначи пресудата, рече адвокатката Бошкова.
Во тогашната акција на полицијата освен сексуални работнички беа уапсени и макроа.Од МВР тврдеа дека дел од сексуалните работнички биле фатени на дело додека давале услуги, но клиентите не беа приведени. За секс наплаќале од 500 до 1000 денари.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар