Македонија
18. October 2018 - 18:57

Сексуалната експлоатација доминантна форма на трговија со луѓе

Сексуалната експлоатација е најраспространета форма на трговија со луѓе во Македонија. Злоупотребата на човечкиот труд и принудувањето на децата на питање и малолетнички бракови се наоѓаат на второто место, покажуваат истражувањата од страна на Меѓународната организација за миграции.   

За сузбивање на ваквиот криминал, кој според обртот на пари се наоѓа на третото место на листата, веднаш по трговијата со дрога и оружје, во нашата земја е формирана национална единица – “ТАСК ФОРСЕС”. За нешто повеќе од 6 месеци од функционирањето, овие тимови откриле 7 жртви на трговија со луѓе.

Од министерството за ТСП велат дека во нашата земја оперираат 5 мобилни тимови, чија што основна функција е идентификација на ранливи категории на граѓани.

Најчести жртви на сексуалната експлоатација се жените, додека при трудовата експлоатација доминираат мажите. Децата најчесто се изложени на присилно питачење, но и на комерцијално-сексуална експлоатација.

Носење и усвојување на Закон за обештетување на жртвите од насилен криминал, кој што ќе има и посебен дел кој што ќе се однесува и на жртвите од трговија со луѓе, ќе биде главната цел на сите страни инволвирани во сузбивањето на мрежте за трговија со луѓе.