Македонија
21. December 2021 - 8:06

Седници на неколку собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска Тања Чачарова-Илиевска, член на Судскиот совет ќе даде свечена изјава. Во законодавниот дом за денеска се закажани и седници на Комисијата за одбрана, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за одбрана е Предлогот на закон за развој, производство и промет на воени стоки, во второ читање.

Пред членовите на Комисијата за земјоделство се дополнувањата на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот COVID – 19 врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, како и Предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот COVID – 19 врз производството и откупот на земјоделски производи, двата по скратена постапка.

Меѓу точките на три закажани седници на Законодавноправната комисија се Предлог на закон за лековите, Предлог на закон за парничната постапка и Предлог на закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство сите во прво читање. Оваа Комисија ќе ги разгледа и измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, Законот за иновациската дејност,  Законот за трговските друштва и на Законот за државен пазарен инспекторат, сите во прво читање.
Предлог измените и дополнувањата на Законот за концесиии и јавно приватно партнерство, се поднесени по скратена постапка, а во прво читање се и Предлог измените и дополнувањата на Законот за јавни претпријатија. Тука се и повеќе предлог-закони во второ читање од областа на економијата и финансиите.