Македонија
21. October 2015 - 15:53

Седница на Уставен суд

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница ја отфрли иницијативата поднесена на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (за хонорарците), бидејќи овој предмет е решаван во септември 2015 година.

Судот не поведе постапка за иницијативата со која се оспорија одредби од Законот за здравствена заштита, со кои се предвидува „привремено или трајно одземање на лиценцата за работа“ на лекари, стоматолози и фармацевти.

Во овие законски одредби е наведено дека Лекарската, Стоматолошката или Фармацевската комора може привремено или трајно да ја одземе лиценца за работа на здравствен работник со високо образование (лекари, стоматолози и фармацевти).  Привременото одземање на лиценците за работа на здравствен работник со високо образование може да се изврши најмногу за период од седум години ако здравствениот работник  има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејноста или професијата. Трајно одземање на лиценца за работа се изврши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник сторил стручен пропуст или грешка во работата, со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

На денешната седница судиите ја отфрлија инцијативата со која се оспорува Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории во кои се врши трговија, донесен од министерот за економија. Отфрлањето е затоа што Правилникот не содржи норми со кои се регулираа односи на општ начин, односно тој не е пропис.