Македонија
29. September 2018 - 20:33

Се затвора филмскиот фестивал „Манаки“

Вечерва ќе се доделат наградите Златна, сребрена и бронзена камера 300 на 39.издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Оваа година фестивалот помина без македонски игран филм, само со кратки македонски филмови.

- Традицијата се гради со квалитет и затоа беше мојата одлука кога бев избрана за директор на овој фестивал дека на фестивалот ќе има само квалитетни играни и документарни македонски филмови. Тоа и го правам, на почетокот го имавме филмот „Љубовникот“ на Игор Иванов Изи, а за крајот ни е „Скаут“ на Алекс Цветков. Немам ништо против она што досега беше како традиција да имаме на отворањето македонски играни филмови, но ако јас сметам дека тие филмови не го заслужуваат овој фестивал, тогаш тоа е  моја одлука, рече ГЕНА ТЕОДОСИЕВСКА, ДИРЕКТОР НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“.

Филмот „Скаут“е во режија на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков кој живее и работи во Словенија, а студира во Лос Анџелес. Тој е син на еден од најпознатите каскадери од Македонија, Рок Цветков кој бил дел од голем број холивудски филмови.

- Работам на филм од многу млад, сакав да бидам режисер, а немав можност за тоа, но мојата љубов ја пренесов на син ми. Ми беше чест што работев со него на првиот филм и што ми дозволи токму тие сцени со возење коли да ги направиме како што сакам јас, рече РОК ЦВЕТКОВ, ТАТКО НА РЕЖИСЕРОТ АЛЕКС.

- Да се работи првиот филм со него е посебно чувство. Смешно е што филмот зборува за технологијата и социјалните мрежи, а на тој начин ја запознав половина екипа, рече АЛЕКС ЦВЕТКОВ, РЕЖИСЕР НА ФИЛМОТ „СКАУТ“.

Токму со помош на Рок се снимени каскадерските сцени во филмот, рече кинематограферот Дејан Димески, кој е и минатогодишен добитник на Бронзена камера 300.

- Неговото искуство беше пресудно да го реализираме филмот, ние сепак во Македонија не снимаме многу такви филмови, рече ДЕЈАН ДИМЕСКИ, ДИРЕКТОР НА ФОТОГРАФИЈА.

Проекцијата на „Скаут“ е веднаш после доделувањето на наградите, а потоа ќе се прикаже играниот филм „Црниот кју-клукс-клановец“ во режија на Спајк Ли.