Македонија
3. September 2018 - 17:13

Се уште се истражува причината за експлозијата во ,,Сувенир‘‘- жителите на Самоков стравуваат од поголеми инциденти

Полицијата работи на целосно расчистување на случајот откако вчера во 16:10 часот во фабриката „Сувенир“ во село Самоков, Македонски Брод настанале експлозии во магацинот за оружје. Истрагата што се случило вчера попладне, продолжува и денеска. Експлозиите предизвикале пожар, па затоа интервенирала и Противпожарната единица од Македонски Брод која успеала пожарот да го локализира, а се правеа и напори пожарот да не се прошири на околната шума и останатите објекти. Веднаш после пријавата за експлозиите, полициски службеници излегле на местото на настанот. Од СВР Битола информираат дека во експлозијата во фабриката „Сувенир“ нема ниту повредени, ниту загинати, а ситуацијата засега е стабилна.

-Слушнавме некој погон се запалил, ништо не видовме, јас бев до Манастирец, не ни видов нешто на враќање, жител на селото Самоков.

Жителите велат дека експлозија во фабриката имало пред повеќе од 20 години, кога експлозијата била со трагични последици.

Вработените пак во „Сувенир“ го повикуваат раководството на фабриката да ги засили безбедносните и заштитни мерки во погоните каде што тврдат дека се уште има остатоци од пиротехнички материјали.