Се уште неизвесен патот за излез од пост-референдумската криза
Шансите се мали но никој не се откажува. Власта ќе стори се за да ја убеди опозицијата да ги поддржи промените на Уставот. Премиерот Заев во интервју за босанска телевизија вели дека не посакува избори но ако нема договор, не гледа друго решение
Според Заев, евентуално соочување со граѓаните пред крајот на оваа година, на власта ќе и донесе над 80 пратеници, но сепак, вели дека треба да му се даде шанса на дијалогот.
Против избори се и во ДУИ. И во Централното претседателство во Мала Речица сметаат дека Договорот треба да биде спроведен
„Централното Претседателство на ДУИ одлучи дека во моментов приоритет за државата е изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Договорот од Преспа во Парламентот, упатувајќи повик до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот.
ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, со кои ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и Европската Унија“ – се вели во соопштението од ДУИ.
За ВМРО-ДПМНЕ Преспанскиот договор е завршена приказна и тој веќе не може да предизвикува правни дејствија. Ваквиот став вчера доби потврда и партискиот Централен комитет. За серијата шпекулации за средби и преговори на врвот на опозицијата со претставници од власта, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се дезинформации. Од партијата уште еднаш ги повторија условите за предвремени избори и порачаа дека сите притисоци врз пратениците нема да дадат резултат.
Премиерот Заев си даде рок до 10 октомври да направи обид да добие дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Согласно преспанскиот Договор, Македонија треба да го смени Уставот најдоцна до крајот на годината.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар