Македонија
24. February 2021 - 12:27

Се уште не работи мерната станица за ПМ10 честички во Струмица

Струмичани цела зима немаат податоци од државната мерна станица за квалитетот на амбиенталниот воздух. Скоро половина година таа не ги мери податоците за штетните ПМ10 честички во воздухот. Станицата е во функција и ги мери сите останати параметри, но не и присуството на ПМ10 честичките. Во ноември минатата година од Министерството за животна средина најавија дека се очекува новата опрема да биде инсталирана во втората половина на месец јануари. Замената требало да биде во рамки на проект што се реализира во соработка со Шведската агенција за животна средина. Но и месец дена од најавениот рок инструментот не е заменет. На повторното прашање зошто станицата и понатаму не ги покажува податоците за ПМ10 честичките од животна средина со одговор дека тоа би можело да биде до крајот на март. Набавката доцнела бидејќи се реализира според шведски закони кои имале различни рокови од нашите.

„Целокупната постапка почнувајќи од условите за набавката, објавата на постапката за набавка, евалуација на понудите, потпишување на договор, земајќи го во предвид рокот на жалби и рокот на испорака и инсталација се одвиваше според Шведски закони и правила. Информацијата за потпишан договор за испорака и инсталација беше добиена дополнително согласно Шведските закони и правила кои за ваков вид на постапка се различни од нашите, а претпоставката за рокот за испорака и инсталација беше направена според нашите закони, така да рокот за испорака и инсталација на опремата согласно последната информација е 31 Март“, информираат од Министерството за животна средина. 

Преку истиот проект освен на мерната страница во Струмица замена и инсталација на мерни инструменти и дополнителна опрема ќе била инсталирана и на уште седум други мерни станици, меѓу кои станицата во Миладиновци, Ректорат, Кочани, Гостивар, Кичево, Велес и Кавадарци.