Македонија
16. August 2021 - 15:44

Се работи на евакуација на македонските државјани и привремено прифаќање на 186 граѓани од Авганистан

Сите регистрирани македонски граѓани во Авганистан се безбедни и се работи на нивна брза евакуација,  Владата на Република Македонија со внимателност ја следи ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД, соопшти владината прес-служба.

– Владата е во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Македонија. Во овој момент имаме информации дека сите наши регистрирани граѓани се безбедни и дека не се наоѓаат во загрозувачка ситуација, стои во соопштението.

Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.

Времето на полетување на овие граѓани од Авганистан сѐ уште не може да се потврди имајќи ги предвид сложените услови на аеродромот во Кабул, но може да се очекува дека ќе пристигнат следните денови. Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје по што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од КОВИД-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани.

Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.

Сите неопходни оперативни и административни прашања поврзани со учеството на Македонија во меѓународната хуманитарна мисија за спасување на локалното население од Авганистан ќе бидат разгледувани и ќе бидат донесени соодветни одлуки на утрешната и следните седници на Владата.

– Целиот демократски свет се солидаризира со хуманитарната катастрофа која му се заканува на локалното авганистанско население, а Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, се вели во соопштението од владината прес-служба.