Македонија
15. October 2021 - 16:38

Се преврте автобус со работници во Битола, повредени 5 лица

Четворица патници и возачот се повредени откако рано утрово, во 6:30 часот се превртел автобус со работници откако излегол од фабриката „Кромберт и Шуберт“ во Индустриската зона Жабени и тргнал накај Битола.

Повредените биле однесени во битолската болница од каде велат дека сите се со лесни повреди и надвор од животна опасност. Сите биле амбулантски прегледани и пуштени дома. Од СВР Битола извршија увид на местото на несреќата.

-Досега од несреќата како повредени лица со телесни повреди се пријавени четворица патници, заедно со возачот, а помош им е укажана во Клиничка болница Битола. Увидот го изврши увидната екипа на СВР Битола и работиме на расчистување на настанот, изјави Сања Стаматова портпарол на СВР Битола. 

Полицијата дополнително ќе ги утврдува причините зошто автобусот со работници преминал преку другата лента и се превртел под патот. Инаку овој пат води до граничниот премин Меџитлија, а местото на несреќата е на само 4 километри до македонско-грчката граница.