Се празнат ковид центрите, на Инфективна се лекуваат 9 пациенти
ГОБ 8-ми Септември повеќе не е ковид центар. Пред 5 дена на домашно лекување го испишале последниот 33 годишен пациент кој поради компликации од вирусот морал да биде хоспитализиран. Од менаџментот велат дека болницата овој период целосно ја враќаат во првобитното нормално функционирање. Како резерва имаат неколку соби за изолација доколку се појави сомнителен случај.
-Се прави темелна дезинфекција, одделенијата кои беа ковид се враќаат во нормална работа и тријажниот центар ќе се врати во функција на ургентниот каде веќе имаат повеќе работа, а доколку дојде некој сомнителен или позитивен ќе го препратиме на Инфективна која е речиси празна и има капацитети, изјави Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми Септември.
Стабилна е состојбата и на Клиниката за инфективни болести во која изминатите денови не е хоспитализиран ниту еден пациент со ковид.
-Во моментот имаме 9 хоспитализирани со ковид кои се со тешка или средно тешка клиничка слика. Немаме ниту еден кој е на механичка вентилација или на нинвазивна, немаме изминатото деноноќие починати, а нема и испишани од болница, изјави Милена Стевановиќ, директор на Клиника за инфективни болести.
Освен хоспитализираните на Инфективна, уште 40 пациенти поради компликации од Ковид-19 се на болничко лекување на инфективните одделенијата низ државата.
И неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува драстично намалување на новозаразени со вирусот и тоа за повеќе од 45 проценти. Но смртноста е зголемена речиси двојно или над 57 отсто во споредба со претходнатра недела.
Здравствените власти засега не се загрижени дека може да дојде до влошување на состојбата поради индиската мутација иако неколку земји во светот се во паника поради делта сојот.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
