Македонија
23. August 2021 - 14:08

Се повеќе се пополнува бројот на попишувачи

Како наближува 5 септември, денот на почетокот на пописот, се повеќе и повеќе се пополнува бројот на попишувачи, посебно во оние региони каде што немаше, порача денеска премиерот Зоран Заев.

-Ја користам приликата уште еднаш да апелирам до граѓаните да се пријават – едноставно е само треба да се пријаваат на веб-страницата на Заводот за статистика. Важно е заради тоа што ова е операција што се спроведува во нашата земја после 20 години, рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека приходите на попишувачите, односно анкетарите што ќе ја спроведат оваа статистичка операција, ќе бидат помеѓу 25 и 40 илјади денари.

Тој потсети дека пописот требаше да се реализира  во април годинава, но на барање на опозицијата беше одложен за септември.

-Ја молев опозиција да биде на крајот на мај или барем на почетокот на јуни, но најголемата опозициска партија побара лидерска средба со барање за одложување на пописот за септември. Ако  се вратиме наназад ќе видиме дека тогаш имавме меѓу четири и 50 заразени граѓани. Им рековме никој не знаеме во септември што ќе се случи, еве го септември доаѓа, на врата ни е, бројките се над илјада, потенцира Заев.

За почетокот на процесот на издавање лични карти по двомесечниот застој, Заев рече дека е резултат на креативноста на правните служби пред се во МВР кои заедно со законодавството, како што рече, утврдија дека Законот за употребата на јазиците и Уставот се доволна основа за да почне издавањето на новите лични документи.

-Тие два месеци работеа сите правни и стручни служби заедно да го изнајдат решението затоа што во услови кога не се донесува законот за новите лични карти важи стариот Закон за лични карти. На основа на членот 13, 14 и 23 од Законот за употреба на јазиците и Уставот се најде правната формулација, рече Заев и се заблагодари на стручните експертски служби во МВР, Владата и законодавството за изнајдениот начин за надминување на проблемот се додека не се донесат матичните закони за одредена област.

На прашањето дали веќе стигнаа фингер принт апаратите и дали Државната изборна комисија е подготвена за претстојните локални избори, премиерот им укажа на медиумите да се обратат до претседателот на ДИК за да ги добијат податоците.

-Знам дека е избрана фирма, знам дека се завршени постапките, ама не ги знам деталите за комплетната подготвеност за да се спроведат изборите на 17 и на 31 октомври, истакна Заев.