Македонија
30. July 2022 - 21:17

Се помалку работници и во индустријата

Работници нема, невработените работат на црно, а огласите за работа на компаниите најчесто се лажни. Ваква е сликата на пазарот на труд според претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија. Борбата за работници станува сè пореална, а според Миле Бошков, проблемот со недостиг на кадар успеваат да го решат само мал дел од фирмите.

Статистика пресмета пад на бројот на работници во индустријата. За само една година за околу 10% се намалиле работниците во текстилна и кожна индустрија и во секторот поправка и инсталирање машини и опрема, додека за 5% се намал бројот на работници во секторите енергија и рударство. Бошков смета дека влијание има и тоа што дел од компаниите во земјава ја намалија својата активност.

Инаку, според последните податоци во земјава скоро 120 илјади лица се водат како невработени, а секојдневно има илјадници отворени огласи за вработување. Иако во последно време има многу можности за преквалификација и дообучување, бизнисмените велат дека голем дел од невработените не се заинтересирани за промена на струка.