Се одржува Галичка свадба - обичаи, традицонални носии, песни и оpа како живо сведоштво за дел од нашето културно наследство

Во Галичник денеска на Петровден се одржува традиционалната културна манифестација Галичка свадба 2026. И годинава се очекува Галичката свадба да ја проследат бројни посетители од земјава и странство и да посведочат на единственото доживување што го нуди оваа вековна традиција, исполнета со свадбарски обичаи, автентични носии, изворни песни и ора кои претставуваат живо сведоштво за богатото културно наследство на мијачкиот крај.
Галички младоженци се Александар Пендароски и Мартина Михајлова. Годинава се навршуваат 35 години од првата современа Галичка свадба одржана во 1991 година, кога биле венчани родителите на Александар. Нивното учество на Галичката свдба е продолжување на едно семејно наследство и силна поврзаност со Галичник и неговите обичаи и традиција.
- За мене ова не е само свадба, туку продолжување на една семејна приказна и врска со Галичник која трае со генерации. Особено сум горд што токму годинава, кога се одбележуваат 35 години од свадбата на моите родители во Галичник, ќе имам можност и самиот да бидам галички младоженец - изјави Александар Пендароски, галички младоженец на прес-конференцијата што се одржа пред неколку недели.
Неговата избраничка Мартина Михајлова рече дека Галичка свадба е чувство што тешко може да се опише со зборови.
- Тоа е чест, одговорност и привилегија да се биде дел од традиција која опстојува со векови. Со нетрпение и огромна возбуда ги очекуваме моментите кога заедно со нашите семејства и сите гости ќе ја почувствуваме магијата на Галичник и на уникатните свадбарски обичаи - рече Михајлова.
Денеска е денот на венчавањето на младоженците и ќе бидат изведени традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“, „гледање низ прстен“, „тргнување по невеста“, дарувањето и останатите свадбарски ритуали. Венчавањето на младенците ќе се изврши во црквата „Св. Петар и Павле“, по што свеченоста ќе заврши со традиционалното испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Вчера (сабота) се одржаа главните свадбарски обичаи со „китење на ситото“ и „замесување на сваќата“ по што следуваат пречекот на тапаните, китењето и поставувањето на свадбарскиот бајрак, симболичното „фрлање три пушки“ од куќата на зетот, како и изведбата на познатите свекрвино и невестинско оро, како и традиционалното „Тешкото“, во изведба на ансамблот „Танец“, на платото пред надалеку познатата чешма „Упија“. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите оди да полни вода од трите галички чешми, еден од највпечатливите обичаи на свадбата.
Манифестацијата годинава започна во петокот на 10 јули со културно забавна програма. Организатор е Месната заедница „Галичник“, а покровител на Галичка свадба 2026 е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Министерството за култура и туризам и годинава обезбедува институционална поддршка за одржувањето на манифестацијата, заедно со голем број компании и пријатели на Галичник.
Како и претходните години, целата програма на Галичка свадба 2026, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.
За посетителите и годинава има посебен сообраќаен режим во селото, а организаторите и партнерите упатуваат апел до сите гости одговорно да уживаат во празничната атмосфера, одговорно да консумираат алкохол, да не управуваат возило доколку пијат и да придонесат за зачувување на чистата природа и убавината на Галичник.
МИА
Ново на Сител
-

Портокалова фаза утре, температури до 40 степени
-

Андоновски: Националниот дата центар ќе биде со мала инсталирана моќност и ќе служи исклучиво за потребите на државата
-

Ангелов: Состојбата со водата во Гостивар постепено се стабилизира, но се уште не е погодна за пиење и за готвење
-

ЦУК: До 18 часот регистрирани 18 пожари на отворено, четири се активни, два се под контрола, а 12 се изгаснати
-

Системот ЕЕС прави метеж и доцнења на летовите: Аеродромите принудени повремено да ги исклучуваат контролите
-

Град Скопје: Почна темелна реконструкција на еден од симболите на Скопје - подната фонтана повторно ќе блесне
-

МВР со детали: Загинатото момче со мотор во Радишани е на 19-годишна возраст
-

Тешко повреден 19-годишник откако татко му го турнал по скали
