Македонија
19. July 2024 - 16:36

Се крати од здравство, се додава во ПИОМ – Објавен ребалансот на Буџетот

Повеќе пари за плати и пензии, за покривање на минусот во ПИОМ, а кратење во обраната, здравство, финансиите. Собранието го објави ребалансот на буџетот. На 554 страни е прецизирано кој колку ќе добие, а од каде ќе се одземе.

Од вкупно 5,8 милијарди евра, колку што планира да потроши државата – за плати и надоместоци се планирани 723 милиони евра. Во првичниот буџет оваа ставка изнесуваше 670 милиони евра. За 15,5 милиони евра се зголемени трансферите кон единиците на локалната самоуправа, за 3 милиони евра ставката за стоки и услуги. За 130 милиони евра се зголемува ставката за субвенции и трасфери, а најголемо зголемување за дополнителни 83 милиони евра е за линеарното зголемување на пензиите, кое ќе стартува од септември. За да може да функционира, на ПИОМ ќе му требаат уште 100 милиони евра, а за да се покрие дупката за исплата на пензиите дополнителни 64 милиони евра. 

До крајот на годината планирано е да се соберат 5,1 милијарди евра, за минусот во државната каса, ќе се финансира со задолжување дома и од странство. Владата планира на домашниот пазар со издавање државни хартии од вредност да се задолжи за дополнителни 250 милиони евра, а на надворешниот пазар од првично планираното задолжување од 702 милиони евра, ставката се зголемува на 788 милиони евра. Овде е вкалкулиран и заемот од Унгарија од 500 милиони евра, а останатите пари не се знае од каде ќе се бараат. 

Од институициите - претседателот на државата има незначително зголемен буџет. Ќе потроши 1,9 милиони евра. Повеќе пари има и за Агенцијата за разузнавање, Комсијата за спречување на корупцијата, Комсијата за заштита на конкуренцијата, Државаната Изборна Комисија,  Државниот завод за ревизија.

Плус пари има и за Собранието. Од првично планираните 14,7 со ребалансот ќе троши скоро 15 милиони евра. 387 вработени месечно во просек земаат по 2,200 евра бруто плата. Повеќе пари има и за МВР, Правда, за надворешни работи, јавното обвинителство. 

Владата си ги скрати сопствените трошоци. Наместо планираните 84,3 милиони евра со ребалансот планира да потроши 62,4 милиони евра. Од 353 вработени во оваа институција просечната бруто плата по вработен е околу 1,500 евра.

Намален буџет доби Министерството за одбрана, Министерството за финансии, помалку пари има и за Министерството за економија и транспорт.

Скаретени се пари и од Министерството за здравство. Од планираните 125 милиони евра, до крајот на годината Здравство ќе добие 117 милиони евра. Фондот за здравство пак, ќе добие 30 милиони евра плус и до крајот има да потроши 784 милиони евра.

Комисиската расрава за вака скроената каса се уште не е закажана, но треба да се започне во следните 10 дена.