Македонија
29. September 2015 - 16:10

Се чисти коритото на река Црна кај општина Новаци

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски денеска соопшти дека во првите 10 дена од реализација на акцискиот план за превентивно чистење на коритото на реката Црна санирани се 8 од 12 преоди низ кои протекувала и истекувала реката Црна.

Владата на Република Македонија додели првична помош од  500.000 евра и 300 тони нафта и тоа беше одличен импулс за старт на активностите, истакна Котевски на денешната прес-конференција.

- Акцискиот план за превентивно чистење на коритото на реката Црна се реализира според превидената динамика, а во наредниот период овој процес ќе се интезивира. Досега се затворени 8 преоди преку кои истекуваше водата од речното корито, во моментов се затвораат уште два во прилепскиот дел, а веднаш потоа ќе почне чистењето на вегетацијата со посебен акцент на дрвјата во реката кои ќе ги корниме, истакна Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

На денешната прес - конференција беше истакнато дека реката Црна се чисти во долж речното корито од 30 километри, а се чисти и реката Елешка.  Во акцискиот план, најави Котевски, ќе бидат внесени и други локации за чистење за да не се случуваат истите проблеми.