СДСМ: Во министерството за дигитална трансформација тендери добивал сопругот на државната секретарка
Сопругот на државната секретарка во Министерството за дигитална трансформација, Гордана Клинчарова, добил два тендери во истото министерство во вредност од околу 50.000 евра, што според опозициската СДСМ отвора сериозни прашања за можен конфликт на интереси.
Фирмата што ги добила договорите претходно била дел и од проектот „Скопје 2014“ и, во исто време, финансиски ја поддржувала општина Аеродром токму во периодот кога Клинчарова била раководител за финансии. Опозициската СДСМ го нарече случајот класичен пример на непотизам и побара ДКСК итно да отвори истрага за, како што велат,спорните тендери.
Министерот за дигитална трансформација ги отфрла обвинувањата – на тендерот учествувала само една фирма, токму онаа на сопругот на Клинчарова, но ги исполнила сите законски услови, а министерството заштедило од 10 до 45% по производ.
СДСМ манипулира со бројките, државниот секретар нема никаков допир со јавните набавки, а Андоновски додава – ниту тој бил вклучен во изборот на компанијата, ниту постои законска основа за проверка на контактите на 150 вработени со приватни фирми.
Андоновски ги повика и ДКСК и Обвинителството доколку сметаат дека наводите за тендерите се спорни да ги истражат, а тие како министерство ќе ги достават сите документи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар