Македонија
21. August 2024 - 16:39

СДСМ: Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ го кријат вистинскиот виновник за скандалот со Гаши и свадбената поворка

Африм Гаши и свадбената поворка не биле пропуштени на Блаце од раководителот на смена, туку од новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука кој заради наводна контрола дошол на граничниот премин за да го обезбеди поминувањето на службените возила, тврдат од опозициската СДСМ. Според нив министерот Тошковски, бара одговорност од невин вработен на граничниот премин, и пробува да го зашитити новиот началник Наим Рамука кој тој самиот го поставил на функцијата. Бараат оставка од Тошковски.

Министерот Тошковски во краток телефонски разговор за Сител вели дека за секој што има докази дека сторил прекршок, ќе одговара по итна законита постапка пред институциите во Македонија.

Претходно министерот за внатрешни работи објави дека патувањето во Косово на собранискиот спикер Гаши, членови на неговото семејство, обезбедувањето како и три полициски возила е најавено и заведен во евидентните книги по претходно известување на МНР.

Но по избивањето на скандалот, при проверките на МВР било констатирано дека носителот на делегацијата како и членовите на семејството на Гаши кои биле најавени дека ќе остварат излез не биле евидентирани во системот за контрола на патници. За пропустите беше најавено дека ќе бидат преземени мерки кон раководителот на смена на ганичниот премин за утврдување одговорност.

По низата скандали од почетокот на функцијата на претседателот на Собранието Африм Гаши, опозициската Левица поднесе интерпелација за Гаши, која ќе биде ставена на дневен ред на 3 септември. Премиерот Мицкоски кажа дека нема да ја поддржат интерпелацијата.

Покрај патувањето со службени возила заедно со неговото семејство на свадба во Косово, на Гаши му се префрла и за одржувањето групна молитва во собраниска сала во помен за убиените во Сребреница, како и скандалот со косовската претседателка на скопскиот аеродром но и други забелешки во неговиот двомесечниот мандат.