Бизнис
17. August 2023 - 9:41

СДСМ: СДСМ ја покачи просечната пензија за 40%, растот на пензиите ќе продолжи

Повисок економски стандард и подобри услови за квалитетен живот на сите граѓани, се врвните приоритети на СДСМ.

Водејќи се од таквите заложби, заедно со пензионерите воведовме нова методологија на усогласување на пензиите, со која пензиите се зголемуваат на секои шест месеци, односно секој март и секој септември во годината.

По новата методологија за периодот од јануари 2022 до септември 2023 година, пензиите ќе се зголемат за 26 отсто.

Со новата методологија, за само една и пол година ја зголемивме и минималната пензија, која претходно изнесуваше 9.000 денари, а денес е 12.500 денари, а веќе од септември ќе надмине 13.000 денари.

Тоа е раст од над 4.000 денари за само една и пол година.

Просечната пензија која во 2016 година изнесуваше 13.754 денари, денес изнесува 19.106 денари, што е зголемување за 40 отсто.

Во меѓувреме, Владата предводена од СДСМ им помагаше на пензионерите и во време на најголемата светска економска криза, преку дополнителна финансиска поддршка во најкритичните три месеци.

Сите мерки и решенија што ги предлагаме и носиме, ги реализираме низ инклузивен процес, заедно со пензионерите, со нивните здруженија и нивните претставници.

Продолжуваме со дијалогот, пензиите ќе продолжат да растат.

Се формира работна група која ќе биде составена од претставници од надлежното Министерство за труд и социјална политика, претставници од Владата и Сојузот на пензионери и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.

Таа група има за цел да предложи одржливи решенија во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови на пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите, без при тоа да се наруши стабилноста на пензискиот фонд.

Нашата грижа за граѓаните е постојана и таа е видлива и конкретна.

 

Центар за комуникации на СДСМ