Македонија
17. April 2017 - 16:18

СДСМ: Новата влада ќе го заштити културното наследство

По примерот на развиените европски земји, новата реформска влада ќе подготви нов закон за заштита на културното наследство. Во него ќе биде содржана листа на споменици од национално значење, што ќе биде документ од јавен карактер, достапен на граѓаните. Новата влада ќе изработи стратегија за санирање на состојбите во кои се наоѓа културното наследство, рече денеска на прес-конференција Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

Во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден за културни споменици и локалитети – 18 април, кој оваа година се фокусира на културно наследство и одржлив туризам, Алаѓаозовски порача „Република Македонија никогаш повеќе да не го дочекува со запоставени и уништени, вредни и важни историски локалитети и бесценети природни и културни богатства“. 

- Никогаш повеќе да не се случи катастрофата што сега му се случува, на пример, на Охрид, со загрозениот статус во УНЕСКО, поради необмислените зафати на археолошкиот локалитет Плаошник, апсурдното уништување на брегот на Охридското Езеро, штетните последици врз националниот парк Галичица... Причина за ваквата состојба се тендер политиките на криминалната власт којашто мисли единствено на полнење на приватни џебови и сметки. Но тоа време завршува, рече Алаѓозовски, додавајќи дека ќе извршат ревизија на сите, како што рече, сомнителни активности на Скопско кале, градбите на Плаошник во Охрид, ски-центарот на Галичица, плажата во Лагадин.

Наведе мерки кои планираат да ги преземат за заштита на културното наскедство, како воведување систем на задолжително финансирање на спомениците од листата на споменици од национално значење, законски механизми за вреднување на современата уметност и архитектура, заштита на значајните објекти од рефасадирање...