Македонија
9. August 2020 - 16:42

СДСМ и ДУИ заглавија на премиерската позиција, ВМРО-ДПМНЕ работи на обезбедување мнозинство

СДСМ и ДУИ се во интензивни разговори за формирање на нова Влада. Партиски извори и од двата табори брифираат дека има сериозен напредок во преговорите. Неофицијално тимовите се фокусирани на премиерската позиција а во останатите точки не се очекуваат проблеми.
Од СДСМ утрово во писмено соопштение излегоа со став дека владината програма ќе биде усогласена со програмите на СДСМ и ДУИ.

„ Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за  почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. 
Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. 
Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ.
Неопходни ни се квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор“ – стои во писменото соопштение на СДСМ.

Од ДУИ утрово за Сител велат дека нема нови детали во преговорите со социјалдемократите.
Партискиот портпарол во последното гостување на Сител потенцираше дека ДУИ не се откажува од идејата за премиер Албанец. Доколку таа се реализира, Владата може да добие и поголемо мнозинство во Собранието особено имајќи го предвид ставот на Алијансата дека ќе го поддржи Насер Зибери да биде премиер.
Сепак Генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари изјави дека тоа не значи дека Села ќе му даде поддршка на ДУИ, бидејќи како што вели, нивните концепти многу се разликуваат. Таравари додава дека поддршката на Алијансата е само за кандидатот за премиер Албанец.
Во ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повторуваат истиот став. Од партијата велат дека немаат нови детали кои би можеле да и ги соопштат на јавноста.

„Работиме на обезбедување на мнозинство во Собранието, во однос на средбите со албанските партии во моментот кога ќе треба да се реализираат ќе ја известиме јавноста, не би навлегувал во детали“ – изјави партискиот Портпарол Димче Арсовски на денешната прес конференција

Рокот во кој Пендаровски треба да му го додели мандатот на новиот мандатар истекува идниот петок. По ова мандатарот ќе има 20 дена да ја формира новата Влада и предлогот да му го достави на Собранието, кое претходно ќе треба да избере и нов спикер. Тој пак, ќе има рок од 15 дена да закаже седница за избор на новата Влада. Ако се тече според роковите, новите министри би требало да седнат во своите кабинети пред 20 септември.