Македонија
24. July 2020 - 16:43

СДСМ ги повика пратениците од сите партии да им се приклучат на прогресивните политики

ДУИ ги омекнува своите позиции во пресрет на најавениот официјален старт на преговорите за формирање на ново владејачко мнозинство по илинденските празници. Високи партиски функционери во текот на вчерашниот ден во јавни настапи за домашни и странски медиуми условот за премиер Албанец го заменија со услов за прифаќање на договорите со Бугарија и Грција и напредок на патот на интеграциите. Груби отиде и чекор подалеку обвинувајќи ја Алијансата дека и забила нож во грбот на идејата за прв премиер Албанец, индиректно порачувајќи дека партијата е подготвена да се откаже од ова барање.
Од Бихаќка преку писмено соопштение утрово ги повикаа сите пратеници да им се приклучат на како што велат прогресивните сили кои ќе ги предводи СДСМ.

Во ВМРО-ДПМНЕ и денеска никој не зборува за преговори за формирање на нова Влада. Партијата останува на ставот дека сите опции се на маса но дека се уште нема информации кои би можеле да се споделат со јавноста.
Изборните резултати отвораат неколку комбинации за формирање на ново мнозинство , а нивниот број дополнително се зголемува доколку се случат меѓупартиски трансфери.
Согласно Уставот Собранието треба да се конституира на 4 август по што Претседателот Пендаровски ќе му го даде мандатот на оној кој ќе обезбеди апсолутно мнозинство во Собранието. Изборот на нов Влада не треба да се очекува пред крајот на идниот месец.