Македонија
12. February 2022 - 16:38

СДСМ бара оставки од Мицкоски и раководството на партијата, ВМРО-ДПМНЕ повикува на избори за легитимна власт

Власта бара оставки од Мицкоски и целото партиско раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Вчерашното признание на вина за предметот Титаник од поранешни високи функционери на опозицијата се прелеа во меѓупартиски обвинувања. За СДСМ ова е само доказ за криминалното владеење, заканите и уцените кои ги трпеле граѓаните, но и дека сите изборни циклуси во времето на ВМРО-ДПМНЕ биле нелегитимни. Оставки се неопходни бидејќи велат дека и во актуелното раководство на опозицијата има лица против кои се водат судски постапки. 

„Го повикуваме Христијан Мицкоски, заедно со раководството да си поднесат оставки и да се повлечат.

Второ, по вчерашните признанија, ги повикуваме сите останати од овој случај но и другите осудени во други случаи да понесат одговорност и признаат вина како нивните колеги. Тоа е добро за демократијата, за партијата и конечно за граѓаните.

Трето, итно да прекинат со притисоци врз судството кои постојано ги прават со цел се спасат од прогон или ги намалат казните.

Четврто, се додека ВМРО-ДПМНЕ вистински не се реформира ќе остане истата партија која ја киднапираше државата“, вели Костадин Ацевски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ лицмерно е барањето на власта за правда и правна држава, кога изминатите 5 години Македонија тоне во криминали во кои дирекно се вклучени високи партиски функционери и нивни блиски лица. Судските процеси против високи функциоенри на СДСМ се заташкуваат, а ниското ниво на борба со корупцијата го детектираат и сите меѓународни извештаи. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека партијата сега има ново раководство кое работи во интерес на граѓаните и секојдневно бара предвремени избори.

Меѓупартиските обвинувања следат по вчерашното рочиште за преметот Титаник, во кое 8 лица меѓу кои и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ признаа вина за изборните нерегуларности во 2011, 2013 и 2014 година кои им се ставаа на товар. За сите нив, обвинителката Стефанова побара намалени казни, а Кривичен пресудата ќе ја изрече на 28 февруари.