Македонија
16. April 2025 - 16:42

СДСМ бара оставка од Таравари за случајот со пациентот кој почина на државната кардиохирургија

СДСМ бара оставка од Таравари за случајот со 57 - годишниот пациент кој почина на државната кардиохирургија. Од опозициската партија повикувајќи се на извештајот од ДСЗИ во кој беше констатирано дека не работела ангиографската сала, а на Клинички немало стент–графтови обвинија за нефункционирање на здравствениот систем, а одговорноста ја насочија кон министерот за здравство.

-Министре Таравари, знаете ли што ви се случува? Или сте премногу зафатен со политички пазари и изборни математики? Задоцнетите извештаи нема да вратат животи. За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност. СДСМ бара оставка од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на државната Клиника за Кардиохиргија, Дејан Димитровски.Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој ќе функционира, кој го штити здравјето, кој спасува животи, а не систем кој убива, рече на пресконференција Белкиса Зекири – членка на ИО на СДСМ.

Според Таравари починатиот пациент бил примен на кардиохирургија, но лекарите одлучиле дека не треба да се оперира. Дали е направен лекарски пропуст треба да провери стручната комисија која министерот како што кажа веќе ја формирал.

-Пациентот бил примен и со одлука на лекарите било одлучено конзервативно да се лекува, а не да се оперира. За жал не знае што се случило и зошто настапила смрт кај пациентот и зошто семејството не дозволило да се изврши обдукција.Да беше направена обдукција ќе се знаеше, бидејќи е констатирано дека имал и други здравствени проблеми, не е само аневризма на аортата, рече Арбен Таравари, министер за здравство.

Стручен надзор за случајот вчера побараа и од ДСЗИ од каде посочија дека ангиогравската сала на кардиохирургија не работи, а според Таравари се инсталирал нов апарат, а истата треба да профункционира на 15 мај.